САД се загрижени за потенцијално застрашувачко сценарио во Сирија: „Борците на ИСИС би можеле да избегаат од затвор“

by Fokus

Американските власти се загрижени за потенцијално застрашувачкото сценарио во Сирија – масовно пробивање од затвор од страна на терористите.

Илјадници борци на Исламската држава (ИСИС) и нивните семејства остануваат во импровизирани затвори, надгледувани од курдските сили поддржани од САД со ограничено оружје. Затворите требаше да бидат привремени, но нивните матични земји не сакаат да ги вратат тие борци.

Пред падот на претседателот Башар ал Асад, оваа ситуација беше криза која бавно вриеше, а сега целосното враќање на ИСИС може да зависи од тоа дали САД и се помалата група сојузници ќе можат да го спречат нивното бегство, пишува Политико.

– Нормално го мразам ова клише, но ова е најблиску што го имаме до темпирана бомба. Ако Турција не ги запре овие напади (на Сириските демократски сили; СДФ), би можеле да имаме масовнo бегство од затворот – изјави висок американски функционер за антитероризам.

Случувањата во Сирија доаѓаат во неизвесен момент за регионот и за САД, при што новата администрација на Доналд Трамп наскоро ќе ја преземе функцијата ветувајќи помала странска помош.

– Ова во суштина е терористичка армија во притвор. Многу сум загрижен – изјави Џозеф Вотел, поранешен генерал кој ја предводеше американската Централна команда од 2016-2019 година, за време на борбата против ИСИС.

Додека повеќето од заробените борци на ИСИС се од Ирак или Сирија, многу други доаѓаат од Европа, Централна Азија и Северна Америка, вклучувајќи ги и САД. Некои земји ја одложија репатријацијата на затворениците, што доведе до долгорочен правен ќор-сокак за околу 9.000 искусни борци на ИСИС и околу 50.000 други луѓе, вклучувајќи жени и деца, анализира Политико.

Поврзани новости