Официјални лица во администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се загрижени дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да започне војна против либанскиот Хезболах со цел да ја зацврсти својата позиција во земјата и да ја спаси својата политичка кариера, објави Вашингтон пост.
Популарноста на Нетанјаху опадна од почетокот на војната со палестинскиот Хамас, бидејќи јавноста префрла врз него голем дел од вината за неуспесите што ги овозможија нападите на палестинските екстремисти.
Многу високи израелски функционери повеќепати наведоа дека Хезболах мора да биде истуркан од израелско-либанската граница во согласност со резолуцијата 1701 на Советот за безбедност од 2006 година.
Американскиот весник цитираше повеќе од десетина неименувани функционери и дипломати од администрацијата на Бајден во информацијата во која се наведува дека двајца високи претставници, Амос Хохштајн и американскиот државен секретар, биле испратени во Израел за да спречат војна меѓу Израел и проиранскиот Хезболах.
Во извештајот, исто така, се наведува дека тензиите меѓу Израел и САД делумно се зголемиле затоа што израелската војска, наводно, 34 пати погодила пунктови на либанските вооружени сили, кои се поддржани од САД.