САД се „разочарани и загрижени” од одлуката на косовската Влада за етапна пререгистрација на возилата

by Fokus

САД се разочарани и загрижени што косовската Влада ги одби барањата на меѓународните партнери за продолжување на рокот за спроведување на одлуката за регистарски таблички, соопшти синоќа американската Амбасада во Белград, повикувајќи се на изјава на Стејт департментот.

Хина пренесува дека косовската Влада, три дена пред истекот на рокот, одлучи етапно да ја спроведе својата одлука за пререгистрација на табличките издадени во Србија, и покрај барањата на ЕУ и САД да почекаат со замената на српските таблички со RKS ( Република Косово) уште следните 10 месеци, јави порталот КоССев (KoSSev).

Во соопштението на Стејт департментот, објавено од Амбасадата на САД на Твитер, се посочува дека Косово има право да го применува режимот на регистарски таблички во согласност со Бриселскиот договор за нормализирање на односите, но продолжувањето на рокот „е во интерес на постигнување напредок во дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија”.

Американската влада останува на ставот дека Приштина и Белград треба „итно и ефикасно да работат на постигнување сеопфатен договор за нормализирање на односите, насочен кон заемно признавање”.

Важно е двете страни да ја намалат запаливата реторика и да преземат конкретни активности за да ја покажат својата посветеност на конструктивна соработка со цел да се обезбеди стабилна и просперитетна иднина за регионот, соопшти американската Влада, пренесе хрватската агенција.

Владата на Косово на 29 јуни донесе одлука да ги отстрани сите регистарски таблички издадени во Србија за градовите во Косово, да ги пререгистрира тие возила со ознаки Република Косово (РКС) и да почне да се применува таа одлука од 1 август, со која предизвика тензии на северот на Косово, кој е претежно населен со Срби.

По српските протести и блокадата на граничните премини, косовската Влада го одреди 31 октомври како нов краен рок, а во четвртокот косовските Срби изјавија дека ќе ги блокираат патиштата доколку тоа се случи.

Косовскиот вицепремиер Бесник Беслими синоќа изјави дека одлуката за пререгистрација се одложува до 21 јануари 2023 година и дека се надева дека 21 април ќе биде крајниот рок до кој нема да се спроведат санкциите против оние кои одбиваат повторно -да ги регистрираат своите возила.

Во видео-пораката на конференцијата на Белградската безбедносна конференција, тој рече дека се надева оти процесот „ќе биде завршен без ниту еден инцидент” пред истекот на рокот за постигнување договор меѓу Белград и Приштина и дека косовската страна нема веднаш да започнете со итни мерки.

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, истакна дека е разочаран од фактот што во услови на војна во Украина и светската криза во храната и енергијата се зборува за регистарски таблички на Косово, пренесе Хина.

Поврзани новости