Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп официјално ги извести Обединетите нации дека ќе ги повлече САД од Парискиот договор. Ова, како што потврди американскиот државен секретар Мајк Помпео, е првиот официјален чекор во едногодишниот процес за излез од глобалниот пакт за борба против климатските промени.
„Соединетите држави ќе се повлечат од Парискиот договор за климата“. Тоа беше ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп дадено во 2017 година.
Во понеделникот неговата администрација ветувањето го направи реалност, и официјално ги извести Обединетите нации дека Соединетите држави ќе се повлечат од Парискиот договор.
Тоа е првиот официјален чекор во едногодишниот процес за излез од глобалните напори против климатските промени.
Во обид да ја зајакне американската индустрија за нафта, гас и јаглен, Трамп вети дека ќе се повлече од договорот, бидејќи тој претатвува товар за американската економија.
Соединетите држави, кои се најголемиот загадувач со стакленички гасови во светот, ќе бидат единствената земја надвор од договорот.
Писмото на Стејт департментот до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го започна часовникот на процес што ќе се заврши еден ден по претседателските избори во САД на 4 ноември 2020 година.
Групите за животна средина соопштија дека се надеваат оти Трамп ќе биде поразен од неговиот ривал и оти Соединетите држави повторно ќе му се приклучи на Парискиот договор.
Веќе еден месец Калифорнија се соочува со серија деструктивни шумски пожари, а повеќето научници ваквите стихии ги објаснуваат со климатските промени.
Една од нив е и климатскиот научник Арадна Трипати која предупредува дека станува збор за нова нормалност.
„Без сомневање ова е нова нормалност поради климатските промени. Додека не преземеме драматични мерки за да го намалиме ризикот со тоа што ќе обезбедиме транзиција кон чиста енергија и се додека не се осигураме дека ќе ги транзитираме нашите мрежни системи во системи што се базирани врз заедницата, дури и во некои случаи микро системи, ќе видиме дека искрата, во суштина, сè уште ќе биде таму“.
Околу 200 држави го потпишаа Парискиот договор, според кој, секоја земја поставува цели за намалување на емисијата на штетни гасови кои водат до климатски промени.