Соединетите американски држави се најголемите ентузијасти и најголемите поддржувачи на Македонија да стане дел од ЕУ, рече заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на заедничата прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој рече дека за проширувањето на ЕУ отсекогаш сметал дека Западен Балкан е најнадежниот дел од Европската Унија.
„Во смисла на проширување на ЕУ секогаш сум велел дека Западен Балкан е најнадежниот дел од ЕУ, бидејќи овие земји економски најбрзо растат во енергетиката, транспортот, бродоградежништвото, информатичката технологија и со тоа може да помогнат на растот на ЕУ и проширување на трансатлантската заедница. Вие сте наш стратешки партнер и сакаме да имате корист од тоа партнерство во носење на тешки одлуки“, рече Ескобар.
Тој рече дека со премиерот Ковачевски имал билатерална средба и дека разговарале за повеќе прашања, меѓу кои за проширувањето на ЕУ, за регионалната стабилност и за безбедноста во Унијата.
„Сметаме дека Северна Македонија е вистински пријател и сојузник на САД. Во последните неколку години Северна Македонија ни помогна и за Авганистан и за Украина, и како претседавач на ОБСЕ. Најновоо ни помогна да постигнеме историски договор меѓу Србија и Косово за норамлизација на односите, што ќе даде придонес за целиот регион. Тоа не можевме да го сториме без вас. Но сакам да споменам дека на секој чекор од нашите американски предизвици дека можевме да сметаме на Македонија и сакаме Македонија пред своите предизвици да може да смета на САД“, рече Ескобар и додаде дека САД сакаат да ја видат земјата во ЕУ.