САД ќе распоредат втор носач на авиони во Средоземното Море, со цел да се спречи, како што се наведува, ескалација на војната меѓу Израел и Хамас пошироко во регионот, а во пресрет на најавената офанзива на израелската војска ИДФ на Појасот Газа, објави британски Гардијан.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, соопшти дека присуството на носачот на авиони УСС „Ајзенхауер“ и неговите придружни воени бродови во источниот Медитеран е сигнал за „железната посветеност на Вашингтон за безбедноста на Израел“ и решеноста на САД да го „одврати секој државен или недржавен актер кој сака оваа војна да ескалира“.
-Носачот на авиони „Ајзенхауер“ ќе му се приклучи на носачот УСС „Џералд Форд“, кој претходно неделава беше распореден во источниот Медитеран, како дел од напорите на Вашингтон за одвраќање на било какви непријателски дејствија против Израел или какви било обиди за проширување на војната по нападот Хамас на израелската територија пред точно една недела – рече Остин.