Армиско-полициски погранични контролни пунктови за проверка на возила што пристигаат од други места за првпат се појавија меѓу неколку сојузни држави во САД, додека властите во Њујорк размислуваат парк во градот да пренаменат во гробница, јави Њујорк тајмс.
Со гувернерските наредби да се седи дома за борба со коронавирусот, се појавија и контролни пунктови за проверка на патниците и патни знаци и пораки со предупредување за самоизолација. Гувернерите на Роуд Ајленд, Тексас и Флорида наредија поставување на контролни погранични пунктови на главните делници за влез во државите.
Полицајците и војниците се опремени со маски и заштитна опрема.
Контролен пограничен пункт има на влез од Луизијана во Тексас, каде патниците се проверуваат од симптоми на коронавирус. Потоа, контролни пунктови се распоредени и на влезовите од Њујорк во Роуд Ајленд и од Џорџија во Флорида.
На влезот во Тексас се пополнува задолжителен формулар за самокарантин, додека влезот во Роуд Ајленд го контролира Националната гарда на САД.
Флорида е главна дестинација за многумина Американци кои таму поседуваат домови за летување, и кои изминативе недели заминаа од Њујорк поради епидемијата што го тресе градот, најверојатно затоа е забележан раст на заболеноста во оваа држава.
Наредбите да се остане дома не се обврзувачки, копнениот патнички сообраќај меѓу сојузните држави не е прекинат но е драстично намален, додека комерцијалниот продолжува и не се проверува од полицијата.
Во меѓувреме, властите во Њујорк размислуваат да пренаменат некои од парковите на градот во гробишта, доколку се преполнат капацитетите на мртовечниците.
Марк Левин, претседател на Комисијата за здравство на градот Њујорк, синоќа изјави дека раководителот на Канцеларијата за судско-медицинско вештачење во градот разгледувал опција да се пренаменат некои од парковите во места каде ќе се закопуваат лицата кои подлегнале на болеста Ковид-19, „бидејќи епидемијата може многу брзо да ги надмине капацитетите на градските и болничките мртовечници“