Администрацијата на Трамп побарала од Украина да ја повлече годишната резолуција со која се осудуваат „руските специјални воени операции“ и сака да ја замени со омекната американска изјава која во Киев се сметала за блиска до проруските, објави „Вашингтон пост“ според свои извори.
Весникот нагласува дека „предлогот го запрепастил Киев, кој одбил да ја повлече својата резолуција. Украинската страна се очекува да ја поднесе во понеделник“.
Соединетите Американски Држави ќе поднесат нацрт-резолуција за решавање на конфликтот во Украина до Генералното собрание на ОН на 24 февруари, објави државниот секретар Марко Рубио на својата X страница.
Според него, САД „во понеделник ќе им предложат на Обединетите нации значајна резолуција што треба да биде поддржана од целото членство на ОН за да се трасира патот кон мирот“.
Рубио, исто така, нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп е „посветен на ставање крај“ на украинскиот конфликт.
Во соопштението на американскиот Стејт департмент, приложено кон објавата, се вели дека Трамп е посветен на „завршување на руско-украинската војна и резолуција што води кон траен мир, а не само привремена пауза“.
Нацрт-резолуцијата развиена од Соединетите Држави „е во согласност со ставот на претседателот Трамп дека ОН мора да се вратат на својата основачка цел, како што е содржана во Повелбата на ОН“.
„Ако Обединетите нации се навистина посветени на својата првична цел, мора да признаеме дека, иако може да се појават предизвици, целта за траен мир останува остварлива“, се додава во соопштението.
Во резолуцијата се вели и дека конфликтот во Украина е „страшен“ и дека „ОН можат да помогнат да се стави крај на тоа“.