Јапонија ќе ги разгледа сите опции за помош на меѓународната заедница во случај на потреба поради украинската криза, што може да го прекине снабдувањето со гас, изјави денеска министерот за индустрија Коичи Хагиуда, со што имплицитно ја навести можноста за препуштање на дел од пратките со гас за Европа.
Јапонската агенција Џиџи вчера јави дека американската Влада побарала од Токио да пренасочи дел од купениот течен природен гас (ЛПГ) во Европа, во случај на прекин на снабдувањето од Русија.
-Јапонија ја разгледува можноста, јави агенцијата.
Јапонскиот министер за индустрија денеска на прес конференција одби да го потврди извештајот на агенцијата, изјавувајќи дека не може да ја коментира дипломатската кореспонденција. Но, Хагиуда кажа дека Јапонија со години наназад е „движечката сила што стои зад развојот на пазарот на ЛПГ“, додавајќи дека би сакале да размислат како можат да и помогнат на меѓународната заедница.
Министерот, сепак, предупреди дека Јапонија има недостиг од ресурси и мора прво да обезбеди доволно енергија за сопствените потреби за да избегне недостиг на електрична енергија, со оглед на прогнозите за ниски температури.
-Ќе видиме дали нешто може да се направи откако ќе се увериме дека (нашиот евентуален потег) нема да влијае на животите на граѓаните, рече Хагиуда.
Јапонија е голем увозник на течен природен гас.
-Ситуацијата во Украина значително влијае на стабилното снабдување со енергија на Јапонија, така што внимателно ќе ја следиме ситуацијата, додаде министерот.