САД планираат да ги евакуираат семејствата на американските дипломати од Украина

by Fokus

САД ја разгледуваат можноста за евакуација на членовите на семејствата на американските дипломати во Украина поради ескалацијата на ситуацијата, пренесува агенцијата Блумберг, повикувајќи се на информирани извори.

Се наведува дека во Вашингтон се разгледува план кој предвидува задолжителна евакуација на семејствата на американските дипломати од Украина, а службениците на дипломатските претставништва ќе можат доброволно да одлучуваат за враќање дома.

Агенцијата наведува дека САД би можеле да најават евакуација во следните неколку дена, но одлуката се уште не е донесена. Еден извор посочува дека евакуацијата не значи дека тие се сигурни дека Русија ќе изврши „инвазија“, туку едноставно покажува „подготовка во светло на зголемените тензии“.

Во последните месеци, Западот ја обвинува Русија дека наводно подготвува инвазија на Украина и дека Москва значително го зголемила своето воено присуство во близина на границите на Украина. Русија решително ги отфрла овие обвинувања како неосновани и опасни и нагласува дека ги преместува воените сили на своја територија во согласност со Уставот и дека Западот сето тоа го користи како изговор за натамошно проширување на Исток.

Затоа рускиот претседател Владимир Путин побара писмени, правно обврзувачки, гаранции од Западот дека нема дополнително да се шири кон руските граници и дека нема да распореди оружје во тој дел од Европа.

Разговорите на оваа тема се одржаа минатата недела на три нивоа – Русија-САД, Русија-НАТО и со претставници на ОБСЕ.