Премиерот Зоран Заев очекува ратификувањето на Протоколот за пристапување на земјава во НАТО во американскиот Сенат да заврши до крајот на летото, а најдоцна до октомври.
Тој денеска во Охрид истакна дека процедурите за Протоколот мошне брзо завршиле во Стејт департментот и документот веќе е доставен до Сенатот.
-Тоа е постапка која трае, поприлично е сложена, значи не очекувам дека ќе се случи за една недела, но очекувам дека ќе заврши до крајот на летото, септември, октомври, рече Заев и додаде дека тоа е е експресно брзо во споредба со протоколите кои Вашингтон ги ратификувал за претходните членки.
-Драго ми е што сите овие процеси се ставени во функција и во другите земји, за еден дел тоа ќе биде одложено заради изборите за Европскиот парламент, но динамиката со која се случуваат ратификациите во сите 29 држави е одлична. Јас сум многу среќен и благодарен, треба и граѓаните да бидат среќни заради тоа што е возможно за нашата земја тоа да се заврши буквално за девет месеци, а за другите земји се завршуваше од една до една и пол година, рече премиерот.
Хедер Конли, директор за Европа во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, како што пренесе МИА, рече дека американскиот Сенат се подготвува набргу да го ратификува протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, иако „имало уште еден драматичен обид од странa на Русија тоа да се спречи“.