Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ноќеска го одобри инфраструктурниот пакет за развој на земјата во вредност од 1,2 трилиона долари. Овој проект, како што рече американскиот претседател Џо Бајден, ќе ја претвори климатската криза во можност.
-Тој ќе создаде добро платени работни места што не можат да се заменат. Работни места што ќе го трансформираат нашиот транспортен систем со најзначајните инвестиции во патничките и товарните железници, патиштата, мостовите, пристаништата, аеродромите и јавниот транспорт со генерации – истакна Бајден.
Пакетот, договорен од Белата куќа и двопартиска група сенатори, вклучува, меѓудругото, распределба на федерални средства за развој на инфраструктурата од 550 милијарди американски долари во текот на пет години. Вкупниот износ на одобрениот план изнесува 1,2 трилиона долари.
Конкретно, проектот предвидува 110 милијарди долари за мостови и патишта и 11 милијарди долари за безбедност на транспортот. Планирано е да се потрошат уште 39 милијарди долари за модернизирање на јавниот транспорт, а 42 милијарди долари за пристаниште и аеродромска инфраструктура.
Потоа 55 милијарди долари ќе одат за системот за вода за пиење, а со него се обезбедуваат и 65 милијарди долари брз интернет на населението, 73 милијарди долари транспортот на чиста енергија итн.