Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс остави можност САД да соработуваат со новата влада во Авганистан, јави Анадолија.
– Ги продолжуваме нашите контакти со талибанците во Доха. Американската војска разговараше и со талибанците во Кабул, рече Прајс за време на брифингот во Вашингтон.
Според него, позицијата на САД ќе зависи од постапките на владата во Авганистан, т.е. од талибанците.
Шефот на прес-службата објави дека сите вработени во американската амбасада во Кабул, вклучително и амбасадорот, биле однесени на меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, каде што се целосно безбедни. Пентагон работи на создавање безбедни и сигурни услови за продолжување на воените и трговските летови.
САД ги координираат активностите со меѓународните партнери. Државниот секретар Ентони Блинкен разговараше со министрите за надворешни работи на неколку земји, вклучувајќи го и неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу.