САД планираат да воведат нови санкции кон Кина и Русија, што ќе вклучуваат казнување на Москва за употребата на ирански беспилотни летала во војната против Украина, изјавија двајца американски претставници.
Според нив, санкции ќе има и за Кина поради, како што тврди Вашингтон, нелегалниот риболов на Пацификот, додека расте загриженоста за евентуалниот кинески прекумерен риболов и ширењето на кинеското влијание на море.
Повеќето од санкциите, објавени од весникот „Вол стрит Џурнал“, ќе бидат наметнати според таканаречениот глобален „закон Магнитски“ од 2016 година, што на американската Влада и дозволува воведување санкции за странски владини претставници за кои се смета дека ги кршат човековите права, замрзнувајќи ги нивните средства и им забранува влез во САД.