Американскиот претседател Џо Бајден формално одобри дополнително распоредување американски војници во Источна Европа, а Пентагон се очекува денеска да објави дека трупите ќе бидат распоредени „во следните денови“, изјавија американски официјални лица за Си-Ен-Ен.
Според извештаите на американските медиуми, околу 2.000 војници ќе бидат испратени од Форт Брег, Северна Каролина во Полска и Германија, додека уште 1.000 кои веќе се во Германија ќе бидат преместени во Романија.
Распоредувањето е знак на поддршка за сојузниците на НАТО кои се чувствуваат загрозени од воените потези на Русија во близина на Украина, велат американските власти.
Според американски медиуми, Бајден наредил да бидат распоредени вкупно 3.000 војници за да им помогнат на европските сојузници, објави претходно Волстрит џурнал. Пентагон оваа недела навести за можно распоредување американски трупи.
Војската на САД стави 8.500 војници на готовност минатата недела за да бидат подготвени да се распоредат во Европа доколку е потребно, за кусо време.
Војниците ќе дејствуваат на билатерална основа со нивните земји домаќини, бидејќи НАТО сè уште нема активирано мултинационални сили за одговор.