САД ja проширија „црната листа“ со политичари од БиХ и Република Српска

by Fokus

Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави ги стави на американската „црна листа“ претседателот на Федерацијата БиХ Маринко Чавара (ХДЗ БиХ) и министерот за здравство и социјална заштита на Република Српска Ален Шераниќ, бидејќи како што образложија, тие ја загрозиле стабилноста на регионот и го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор и демократските процеси или институции.

– Маринко Чавара и Ален Шераниќ се обидоа да следат етнонационалистички и политички агенди на сметка на демократските институции и граѓаните на Босна и Херцеговина, изјави Брајан Нелсон, потсекретар за борба против тероризам и финансиско разузнавање при Министерството за финансии, јави регионалната телевизија Н1.

Чавара беше ставен на листата на санкционирани лица за директно или индиректно учество во активности или политики кои ги поткопуваат демократските процеси или институции во Западен Балкан, појасни Стејт департментот.

На Шераниќ му беа изречени санкции, како што се посочува, за промовирање на сецесионистичките активности на Република Српска, односно затоа што го водел процесот на донесување на законот со кој се предвидува формирање на Агенција за лекови на РС, која би била на територијата на тој ентитет и би била надвор од надлежностите на Агенцијата за лекови на БиХ.

„Овој закон, кој се уште не е стапен во сила, предвидува формирање нова агенција само во рамките на Република Српска, со што би се нарушиле овластувањата на државната Агенција за лекови и медицински помагала“, се наведува во образложението.

Се додава дека формирањето нова агенција на ниво на ентитети претставува опструкција или закана за спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Поврзани новости