САД ја отфрлија понудата на Полска за префрлање на нивните ловци МиГ-29 од руско производство во американска база во Германија, како начин да ги надополнат воздушните сили на Украина во одбраната од руската инвазија.
-Властите на Република Полска се подготвени да ги распоредат, веднаш и бесплатно, сите свои авиони МиГ-29 во воздухопловната база Рамштајн и да ги стават на располагање на Владата на Соединетите Американски Држави, соопшти претходно полското МНР.
Досега, многу земји од НАТО, заедно со другите западни сојузници, доставуваа само одбранбено оружје за Киев поради заканите од Москва дека тоа ќе ги направи донаторите директна страна во конфликтот и на тој начин се отворени за одмазда.
Стејт департментот на САД соопшти дека полскиот предлог ги изненадил.
-Според моите сознанија, не беше претходно консултирано со нас дека планирале да ни ги дадат овие авиони, рече државниот потсекретар за политички прашања на Стејт департментот Викторија Нуланд на сослушувањето на Комисијата за надворешни односи на Сенатот.
Конгресот денеска постигна договор за обезбедување 13,6 милијарди долари за да и се помогне на Украина и на европските сојузници да се справат со најтешката бегалска криза на континентот од Втората светска војна.
Потпретседателката на САД Камала Харис денеска ќе ја посети Полска каде ќе се сретне со полски официјални претставници со цел да разговараат за руската инвазија на Украина и влијанието што војната го има врз регионот.
ОН вчера соопштија дека повеќе од 2 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.