Американскиот весник „Вашингтон Пост“ минатата недела соопшти дека неколку припадници од американскиот дипломатски персонал се пожалиле во Стејт департментот дека биле подложени на анални тестови со брис за утврдување присуство на коронавирус.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиан го негираше тоа и тогаш изјави дека „Кина никогаш не побарала од американските дипломати да се тестираат со анален брисе.
– Стејт департментот никогаш не се согласи на овој вид тестирање и ние директно протестиравме до Министерството за надворешни работи на Кина кога дознавме дека дел од персоналот бил подложен на ваков тест, изјави портпаролот на Стејт департментот за американскиот портал Вајс .
Особено интересно е што американскиот портпарол рече дека Пекинг го уверил Вашингтон дека тестирањето е спроведено „по грешка“ и дека дипломатскиот персонал е ослободен од анално тестирање, што е задолжително за патниците кои пристигнуваат во некои делови на Кина. Тоа би значело дека кинескиот портпарол лажел вчера кога ги негирал ваквите обвинувања, посочуваат американските медиуми.
Кинеските лекари сметаат дека овој метод на тестирање е поточен од брис од нос, односно со помалку лажни негативни резултати – и покрај фактот дека овој брис е, се разбира, понепријатен и поинтензивен, пренесува хрватски Индекс.
Аналното тестирање е потребно во некои кинески региони и за луѓето во карантин.
Кинеската национална здравствена комисија соопшти дека во некои случаи, коронавирусот може полесно да се открие во анални примероци отколку во примероци од брисеви од нос и грло. Сепак, таа призна дека аналните брисеви не се погодни за масовно тестирање поради непријатност и непопуларност.
Според упатствата на кинеската комисија, аналните примероци се собираат со вметнување на памучен брис, три до пет сантиметри длабоко во ректумот.
Инаку, Кина, комбинирајќи строга блокада на почетокот на пандемијата и масовното тестирање во подоцнежната фаза, успешно го запре првиот бран на епидемијата на коронавирус во април и го спречи вториот бран што го погоди остатокот од светот, односно северната хемисфера, минатата есен.