Соединетите држави и Велика Британија денеска ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан поради зголемените стравувања од сеопфатна војна меѓу Израел и либанскиот Хезболах.
Амбасадата на Соединетите Држави во Либан ги повика своите граѓани да резервираат „секој достапен авионски билет“ за да го напуштат Либан.
И покрај откажувањето на летовите за Бејрут, се уште се достапни опциите за комерцијален транспорт за напуштање на Либан, се вели во соопштението на амбасадата.
„Ги охрабруваме оние кои сакаат да го напуштат Либан да резервираат кој било достапен билет, дури и ако тој авион не полета веднаш или не ја следи посакуваната рута за враќање“, додаваат тие.
Британската влада ги повика своите државјани веднаш да го напуштат Либан, додека трговските линии се сè уште достапни.
„Тензиите се високи и ситуацијата може брзо да се влоши. Мојата порака до британските граѓани е јасна: „Движете се сега“, изјави шефот на британската дипломатија Дејвид Лами.
Форин Офисот исто така бара од Британците во Либан да контактираат со конзуларните служби таму за властите да можат да ги информираат за развојот на настаните.
Лондон, исто така, укажува дека воен персонал наскоро ќе биде распореден во регионот за да обезбеди оперативна поддршка на британските амбасади за да им помогне на британските државјани.
Во случај на потреба се во состојба на готовност и хеликоптери на Кралското воздухопловство.
Стравувањата од влошување на ситуацијата се интензивираа во регионот бидејќи Иран и неговите сојузници, вклучително и либанскиот Хезболах, постојано упатуваа закани против Израел, кој го обвинуваат дека е одговорен за смртта на палестинскиот лидер на Хамас Исмаил Ханије.