Русија денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна со голема воена парада во Москва. На почетокот на парадата се обрати рускиот претседател Владимир Путин.
Обраќајќи им се на војниците, Путин истакна дека тие се борат „за нашиот народ во Донбас, за безбедноста на нашата татковина“.
Путин рече дека Западот отворено подготвувал напад врз Донбас и Крим на крајот на минатата година и дека во Киев имало повици за нуклеарно оружје што создава „неприфатлива закана на нашата граница“.
Тој ги обвини САД и „нивните следбеници“ дека се закануваат, а „опасноста растела секој ден“.
– Земјите од НАТО не сакаа да не слушнат, имаа други планови. Тие подготвуваа напад на Крим, изјави рускиот лидер. Русија пружи превентивен отпор на агресијата – тоа беше единствената правилна одлука, рече Путин, коментирајќи ја инвазијата на Украина.
– Никој нема да ги заборави лекциите од Втората светска војна, така што нема да има место за нацисти во светот – рече тој.
Парадата започна со претставување на руското знаме и знамето на победата со звуците на песната „Света војна“.
Со парадата командува командантот на копнената армија, армискиот генерал Олег Саљуков, а домаќин на парадата е министерот за одбрана, армискиот генерал Сергеј Шојгу.
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна на Црвениот плоштад неколку минути пред почетокот на Парадата.
Паради се одржуваат во 28 руски градови, а на нив ќе учествуваат околу 65.000 луѓе, 2.400 единици вооружување и повеќе од 460 авиони.
Овогодинешната воена парада на Црвениот плоштад ќе се одржи во посебни околности поради руската воена операција во Украина, која беше започната пред повеќе од 70 дена поради, како што тврди Русија, денацификацијата и демилитаризацијата на Украина, како и заштитата на населението во Донбас.
По говорот, рускиот претседател доби аплауз од припадниците на руската војска на Црвениот плоштад, се интонираше руската химна по што следуваше и топовска стрелба.
Иако многумина очекуваа, Путин не најави ништо големо во неговиот говор по повод Денот на победата над фашизмот.