Соединетите Американски Држави и Франција бараат новата Влада во Северна Македонија да ги почитува меѓународните обврски и договори.
На брифинг Белата куќа денеска објави патоказ кој го утврдиле претседателите на двете држави, Џо Бајден и Емануел Макрон на средбата во Франција.
Во делот за меѓународните теми на Вашингтон и Париз, дел има и за Западниот Балкан во кој се поздравува континуирана блиска соработка за интеграција на регионот каде поконкретно Северна Македонија се споменува во една реченица.
-Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до своите меѓународни обврски, брифираат од Белата куќа за француско американскиот патоказ.
Ова доаѓа откако Северна Македонија беше критикувана од своите соседи, но и набљудувана од меѓународната заедница бидејќи Претседателката Гордана Сиљановска Дафкова, при својата заклетва во Собранието на РСМ не го изговори уставното име Северна Македонија.