САД вчера поставија нов црн рекорд по бројот на нови случаи на коронавирус за еден ден – 100.233, што е најмногу од почетокот на пандемијата.
Тоа е исто така светски рекорд по бројот на заразени за еден ден, надминувајќи го бројот на 97.894 нови случаи, регистрирани во Индија на 17 септември. Бројот на пациенти во последните два дена, 100.233 и 91.000, покажува дека во САД повеќе од една личност се разболува секоја секунда.
Вкупно девет милиони луѓе во САД се заразени со Ковид-19, или три проценти од населението. Повеќе од 230.000 луѓе починаа од вирусот. Хоспитализирани се 46.000 пациенти.
И во Германија регистрирани се рекордни 18.681 нови случаи на заразени со новиот корона вирус во изминатите 24 часа, соопшти Институтот за контрола на болести Роберт Кох, додека државата се подготвува за нови анти-епидемиски мерки следната недела.
Вчерашните бројки се трипати повисоки од нивоата регистрирани за време на првиот пик на инфекцијата кон крајот на март и почетокот на април, иако од тогаш обемот на тестови значително се зголеми.
Вкупниот број на потврдени случаи во Германија е 499.694. Бројот на смртни случаи е 10.349, што е зголемување за 77 од четвртокот. Крајбрежните провинции Шлезвиг-Холштајн и Мекленбург-Западна Померанија, кои се популарни меѓу туристите, вчера објавија дека сите туристи треба да заминат до почетокот на следната недела.