Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, во неколку интервјуа за американските телевизии во неделата, ја објасни позицијата на администрацијата во однос на повлекувањето од Авганистан и настаните oколу аеродромот во Кабул.
Во настап за ТВ каналот Фокс њуз тој уште еднаш укажа дека САД влегоа во Авганистан пред дваесет години со единствена цел – да се стават пред лицето на правдата организаторите на терористичките напади на 11 септември 2001 година и да се намали можноста од тоа Ал-Каеда да врши терористички напади на САД од Авганистан, и таа цел била постигната.
-Дали има остатоци од Ал-Каеда во Авганистан? Има. Но претседателот (Џо Бајден) зборуваше за нејзината способност да го изврши тоа што таа го изврши на 11 септември. И таа способност беше успешно намалена, изјави тој.
Првиот дипломат на САД изјави дека од почетокот на кампањата за евакуација, почната при крајот на јули со воени и чартерни летови од аеродромот во Кабул биле изнесени околу 30.000 луѓе, од кои 8.000 само во изминатото деноноќие.