САД дадоа половина милијарди долари за реформи во судството – Агелер повика на вистинска реформа

by Fokus

Судските реформи во Македонија ги чинат американските даночни обврзници околу половина милијарда долари, рече амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер при презентацијата на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, ги повика сите инволвирани страни да работат заедно за создавање на вистинска судска реформа.

-Се вели дека „ зборувањето е без пари“, и обично тоа е точно. Но, три децении американски ангажман и помош во разговори за реформи во владеењето на правото, обука на судии и обвинители и поголема соработка меѓу судството, граѓанското општество и граѓаните и функционерите во оваа земја? Ова не беше без пари. Тоа нас не чинеше околу половина милијарда долари пари на даночните обврзници. Затоа, да го преименуваме денешниот договор во „Повик за акција “. Ајде да се обврземе да го направиме овој план повеќе од само еден документ што треба да се потпише и архивира. Судиите, обвинителите, министрите, членовите на парламентот и лидерите на граѓанското општество, дури и дипломатите, треба да ги земат предвид неговите препораки и потоа да работат заедно за да создадат вистинска судска реформа, рече Агелер.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми рече дека потребно е конечно да се слушнат размислувањата и предлозите на судската фела, нагласувајќи дека „проблемите не се решаваат со наметнување или пак со прифаќање на молк, напротив, аргументациите на судиите со интегритет и став се доволно гласни и јасни да укажат на состојбите кои ги кочат идеите и процесите“.

– Една од препораките ја нагласува важноста на осамостојување и зголемување на судскиот буџет, односно дека е потребно да се направат измени во позитивните прописи со цел реализација на судскиот и јавнообвинителскиот буџет да не зависи од претходно добиените одобренија и согласност од органи на извршната власт. Неспорно е дека судството е финансиски зависно од другите власти, рече Адеми.

Препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“ се оформени по спроведениот консултациски процес кои судиите и јавните обвинители ги посочиле во аспект на функционирањето на правосудниот систем.

Еден дел од препораките се однесуваат на промената на практиките и пристапот на постапување на самите јавни обвинители и судиите.

– Промена на начинот на којшто се менаџирааат и раководат главните расправи и се закажуваат динамиките и се организира впрочем сите дејствија кои се изведуваат на рочиштата за главна расправа. Промени во начинот на пишување и соопштување на пресудите и обвиненијата, унапредување на соработката на Јавното Обвинителство со останатите органи на прогон како што се вештаците. МВР, полицијата и сите оние други чинители кои имаат влијание. Меѓутоа има и препораки кои се однесуваат на законодавната власт, конкретно за специфични законски промени, но и секако онакви препораки кои се однесуваат и на извршната и на законодавната власт, а се во насока на унапредување на материјалната и човечка екипираност на судовите и јавните обвинителства. Не само со судии и јавни обвинители туку и со целиот останат стручен и помошен персонал кој треба да го имаат на располагање, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“.

Поврзани новости