САД: Блокираните средства на Русија се проценуваат на 280 милијарди долари

by Fokus

Руските средства блокирани поради санкциите се проценуваат на 280 милијарди долари, соопшти денеска американското Министерство за финансии.

-Вкупната вредност на имотот на Руската Федерација се проценува на приближно 280 милијарди долари, од кои најголемиот дел се наоѓа во Европската унија, се наведува во соопштението.

Министерството прецизира дека експерти од САД, Австралија, Канада, Европската комисија, Франција, Германија, Јапонија, Италија и Велика Британија ја завршиле првичната ревизија на руските суверени фондови замрзнати во јурисдикциите на тие земји.

Планирано е до крајот на годинава да се заврши идентификацијата на средствата и нивната пресметка.

Американското Министерство за финансии додаде дека земјите се обврзале да го чуваат имот додека Русија не ја надомести штетата што и ја нанесе на Украина.

По почетокот на војната во Украина, Западот воведе остри санкции кон Русија, вклучително и замрзнување на приближно половина од златните и девизните резерви на земјата од околу 300 милијарди долари, пренесува Риа Новости.

Европската комисија и претходно неколкупати најави дека ја проучува евентуалната употреба на овие средства за потребите на обновата на Украина, но засега нема правна основа за вакви дејствија во ЕУ.

Официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова изјави дека ЕУ од 2014 година носи бројни нелегитимни и неосновани одлуки за замрзнување на имотот на руските граѓани и компании, а сега ги насочува кон јавните фондови.

Поврзани новости