Вашингтон работи на „разјаснување на позицијата на Турција“ откако претседателот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги блокира Финска и Шведска да влезат во НАТО, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
Идниот пристап на двете земји во Алијансата доби широка поддршка од другите земји-членки, но турскиот претседател Ердоган рече дека ставот на Турција за влезот на Финска и Шведска во НАТО „не е позитивен“, што сугерира дека Турција може да стави вето на влезот на две земји во Алијансата, чиј член е Турција.
Властите на Финска вчера најавија дека ја поддржуваат брзата апликација за членство во НАТО, додека во Шведска денеска на пратениците им беше претставена анализата на шведската Влада, која ќе биде основа премиерката Магдалена Андерсон да одлучи за членство во Алијансата.