Грузијците денеска излегуваат на гласање за локалните избори, што може да ја претворат во нерешена трка меѓу владејачките и опозициските партии, само еден ден по апсењето на поранешниот претседател и опозициски политичар Михаил Саакашвили.
Саакашвили, кој ја напушти Грузија во 2013 година и беше осуден на отсуство во 2018 година, вчера беше уапсен откако се врати во земјата и ги повика своите поддржувачи да гласаат за опозицијата и да почнат улични протести по изборите.
Грузиските власти предупредија дека тој ќе биде уапсен доколку се врати, а претседателката Саломе Зурабишвили по апсењето кажа дека нема да го помилува 53-годишниот поранешен претседател, обвинувајќи го дека намерно се обидува да ја дестабилизира земјата.
Изборите, кои вклучуваат гласање за градоначалник на главниот град Тбилиси, добија на важност во текот на неколкумесечната долга политичка криза, која ескалираше пред парламентарните избори минатата година, по што опозицијата го бојкотираше парламентот.
Лидерот на најголемата опозициска партија, Обединето национално движење (ОНМ), основана од Саакашвили, беше уапсен во февруари и ослободен во мај по притисокот на Европската унија да се постигне договорот за олеснување на несогласувањата меѓу владата и партијата.
Договорот пропадна во текот на летото кога од него се повлече владејачката партија „Грузиски сон“. Во договорот се наведува дека „Грузиски сон“ треба да распише предвремени избори доколку денеска, на локалните избори, не освои 43 проценти од гласовите.
Последната анкета покажа дека поддршката за „Грузиски сон“ е 36 проценти.
Иако договорот сега пропадна, политичките аналитичари велат дека гласањето може да предизвика протести доколку владејачката партија не го надмине прагот утврден во договорот и одбие да распише предвремени избори.
-Доколку „Грузиски сон“ не го постигне тоа што го постигна на претходните парламентарни избори, или 48,22 проценти, би можеле повторно да имаме немири, веројатно уште еден бран на политичка криза, рече Сосо Јамукашвили од политичката платформа „Нова Европа“.
Пред да биде уапсен и затворен, Саакашвили им порача на своите поддржувачи да гласаат за ОНМ или која било помала партија што се противи на „Грузиски сон“ и утре да се соберат во центарот на Тбилиси.
-Сите треба да излезат на гласање и да гласаат и на 3 октомври треба да го наполниме плоштадот Слобода. Ако има 100.000 луѓе, никој не може да не победи, рече Саакашвили.