По стравичната автобуската несреќа што се случи во понеделникот во Бугарија, а која одзеде 45 животи, вниманието на јавноста повторно се наврати и на сообраќајката кај Ласкарци, која се случи пред неполни три години, кога животот го изгубија 16 патници.
За овој случај се уште нема судска завршница, иако семејствата на настраданите веќе одамна ја исчекуваат судската правда.
Несреќата се случи во февруари 2019 година, кога се преврте автобус на „Дурмо турс“, а судењето започна по седум месеци. Од Кривичниот суд велат дека ковид пандемијата го забавила процесот, бидејќи во еден период се судеа само притворски предмет. Сепак велат дека случајот е при крај, односно се чека супервештачењето на Техничкиот факултет во Битола, кое беше по барање на одбраната, по што ќе следуваат завршните зборови и пресудата.
-Во текот на оваа година предметот се води според предвидениот интензитет со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица. До крајот на годината предвидени се четири продолженија на главната расправа се со цел, по добивање на супервештачењето, предметот да биде завршен со првостепена пресуда, велат од Кривичен суд.
Семејствата на починатите патници, пак, одлуката да се прави супервештачење ја оценија како скандалозна, зашто, според нив, тоа ќе ја одложи постапката и правдата ќе биде задоцнета.
Несреќа се случи на 13 февруари во 2019 година, кога се преврте автобус на Дурмо турс. Обвинети се шест лица, меѓу кои и газдата на Дурмо турс и возачот на автобусот. Компанијата по несреќата продолжи со работа, бидејќи во нашиот Кривичен законик, во делот за сообраќајните деликти, не е предвидена одговорност за правните лица.
В.В.