Политичарите ги разнебитија, испоганија, превртеа и исмеаја и сите човечки вредности. Слобода, правда, правичност, еднаквост… сѐ само пароли за кампања, празни зборови без содржина и суштина
Звонко ДАВИДОВИЌ
Tour de France 2020, женска велосипедска трка. Нешто чудно се случува на екранот, се менуваат сцени, се гледа група велосипедисти кои чудно се движат по патеката, а наредната сцена покажува двор на куќа и девојка на тренажер, а човек со косилка ја коси тревата покрај тренажерот. Повторно сцена на која се гледа група велосипедисти што се одвоила од големата група, која полека заостанува и веднаш потоа, сцена на која се гледа девојка на велосипед-тренажер во соба, а мажот полева цвеќе.
Ништо не ми е јасно, па седнувам пред телевизорот со надеж дека ќе успеам да разберам за што се работи. Не ми требаше многу време, слушајќи ги коментаторите, да сфатам дека се работи за женска трка Tour de France 2020, која поради Ковид 19 се одржува виртуелно.
Секоја од натпреварувачките е на тренажер закачена на компјутерската платформа за трка и истата ја вози виртуелно. Која од двор, која од соба, која на тераса ги врти педалите и се тркаат таму некаде далеку каде што не се.
КОВИД 19 ЈА Е.. ГОДИНАВА 2020
Не можам да верувам, па ова сѐ отишло у… Хондурас, што би рекол Балашевиќ. Овој Ковид 19, ајде што ја е… годинава 2020, ама и мозоците на поединците добро им ги спржил. Ако тргнеме вака, за кратко време нема да има потреба од луѓето, човештвото полека тргнало у амбис без можност за враќање. А, за тоа се најмногу виновни политичарите, информатичарите и парите. Велам најмногу, затоа што кај секој од нас постои вина и придонес за денешната состојба и насоката во која се движиме, поради молкот, пасивноста, незаинтересираноста и можноста што им ја дадовме на секакви недоквакани ликови да се доберат до власта, а со тоа и до моќта и парите.
Прво, ја упропастивме природата и планетата Земја, искористувајќи и експлоатирајќи ја крвнички и без усул. Нема да се повторувам околу климатските промени, ефектот на стаклена градина, топењето на глечерите, покачувањето на температурите, нешто за што сме виновни исклучиво ние, луѓето и нашата алчност и глупавост, сето тоа го опишав во една од колумните.
Но не можам, а да не повторам дека за поплавите, цунами, сушите, посилните бури и пожарите што се сѐ посилни, сме одговорни исклучиво ние, луѓето. Само во 2019 година, во Сибир и во Австралија, во пожар се опустошени 16,5 милиони хектари! Секои три секунди глечерите се топат, а количеството на истопениот мраз создава вода доволна да се наполни еден олимписки базен.
Сега некој ќе се праша зошто се виновни политичарите за ваквата ситуација, кога народот е неразбран и алчен, но ако малку размисли и самиот ќе го добие одговорот. Поради уште поголемата неодговорност и алчност на политичарите. Тие ја имаат моќта, која ние луѓето сме им ја дале, да носат закони, да го креираат нашиот живот и да ги уредуваат односите внатре во општеството, но и на општеството кон природата.
Ниту еден самит за намалување на емисијата на штетни гасови не заврши успешно и со некаков резултат. Никогаш политичарите не се свртеа против нафтената индустрија, автомобилската, хемиската, итн. затоа што го штитат крупниот капитал и богатството на поединци кои ги финансираат нивните кампањи, избори, лагодниот и луксузен живот.
СЕ НАРУШИ ПРИРОДНИОТ БАЛАНС
Успеавме да го уништиме растителниот и животинскиот свет во релативно кус временски период и со тоа да го смениме, не само лицето на Земјата, туку и природните процеси и движења со кои природата сама се регенерира и се лекува. Сечењето на шумите, пустошењето цели екосистеми го нарушува природниот баланс и рамнотежа на природата, ја кине мрежата на поврзаност на сите живи суштества и ја убива полека, но сигурно планетата Земја.
Повторно ќе кажам дека во изминатава деценија, бројот на исчезнати животински видови изнесува неколку стотици. Никогаш повеќе нема да ги видиме хавајскиот полжав, колумбискиот гњурец, златната жаба, саудиска газела, делфинот од Јанг Це, сината ара, поули од Мауи, источната пума, тасманискиот тигар, птицата Додо од Маврициус, штелеровата морска крава, јаванскиот тигар, занзибарскиот леопард, пиринејскиот козорог, западниот црн носорог и уште стотици видови.
Не сме ни свесни дека популацијата на дивите цицачи, птици, риби, влекачи и водоземци е за 60 отсто помала отколку пред само 50 години. Бројот на птици е драстично намален, а токму птиците , инсектите, лилјаците се исклучително битни за опрашување на растенијата толку клучни што три четвртини од сите прехранбени плодови зависат од овие опрашувачи. Ниту еден политичар сево ова не го истакнал како проблем, ниту понудил и предложил законско решение со кое овој проблем би почнал да се решава. Дрвната, фармацевтската, тутунската, а особено воената индустрија се моќни, а нивните пари слатки и битни за моќта и позицијата на политичарите.
Политичарите ги разнебитија, испоганија, превртеа и исмеаја и сите човечки вредности. Слобода, правда, правичност, еднаквост… се само пароли за кампања, празни зборови без содржина и суштина. Волјата на народот е само бројка во извештајот на изборната комисија и можноста некој партиски паролџија да го смести задникот во пратеничка фотелја. Партијата стана дом за неуспешните, примитивните, коруптивните и неизживеаните, кои имаат за цел само пари и моќ добиени на лесен и најчесто сомнителен начин. Со партиските кампањи и гадостите со кои се препукуваат меѓусебно, го изместија сиот систем на вредности, па вистината стана лага, а лагата вистина, секој пораз победа, секој неуспех огромен успех.
На крај, почнаа да нѐ разнебитуваат и информатичарите, кои полека, но сигурно го заменуваат реалниот со виртуелниот свет. Фејсбук и Инстаграм станаа дом и живот за некои ликови што немаат свој живот и се занимаваат со туѓите, кукавици кои се храбри само зад мониторот, несреќните и осамени кои се среќни само во виртуелниот свет. Едно чудо виртуелни љубови се случија и згаснаа помеѓу лајковите и емотиконите.
Судењата почнаа да се одвиваат преку интернет, владини седници, испити се полагаат и се купува и продава со еден клик на компјутерот од дома завален во фотелја со виртуелни пари. Сега почнаа и спортот да го виртуелизираат и навистина не знам каде сево ова ќе заврши. Како тргнало секој ќе почне и своја виртуелна држава да управува и сиот живот да се одвива преку и во оптичките кабли.
Сѐ отишло у… Хондурас.