„РУЖНА“ ВИ Е ПРАВДАТА!

by fokus

Основното јавно обвинителство го затворило предметот за сомнителното финансирање на изборната кампања од 2006 година на ВМРО-ДПМНЕ. Спротивставените  изјави на Самоил Малчевски, кој демантираше дека тој и неговата мајка и сестра биле донатори, како што стоеше во извештајот, и Гордана Јанкуловска како шеф на Изборниот штаб, биле доволни да се даде верба на Јанкуловска.

Згора на тоа, обвинителството направило проверка во Централната кооперативна банка, наследник на Силекс банка (на Љубисав Иванов Ѕинго), ама банката, согласно законот нели, не ги поседувала уплатниците на „Цветанка, Самоил и Фросина Малчевски“, бидејќи рокот за чување на уплатниците е 5 години. И обвинителот Сашо Рајчев во декември 2015 одлучил дека нема работа за него.

Инаку, после изјавата на Самоил Малчевски, дадена за „Фокус“, во декември 2013 г. „Не знам како се најдов на списокот на донатори на ВМРО-ДПМНЕ“, оспорувајќи дека неговото семејство донирало 550.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ, ОЈО отвори предмет по допрен глас. Се постапуваше според членот од Кривичниот законик за „Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања“.

Гордана Јанкуловска беше аболирана за 11 предмети од претседателот Ѓорге Иванов. Сега е „помилувана“ и од ОЈО. За нелегално финансирање на изборна кампања Љубе Бошкоски беше осуден на 5 години затвор. Но, ниту „согласно законот“, не го пуштаат на слобода. Изгледа ќе одлежи до последен ден- 5 јуни. Ако не смислат нешто „ново“!?

П.С. „Ружна“ ви е ПРАВДАТА!