Ружица и ,,Ареа” го носат стариот добар рок на Струмица Опен Фест!

by fokus

Една од најпопуларните рок групи во земјава, ,,Ареа” и нивната вокалистка Ружица ќе настапат во Струмица во рамки на манифестацијата Струмица Опен Фестивал. Тие ќе имаат концерт на 10-ти август, во сабота, со почеток од 21 часот на сцената на Чешмичката, каде ќе ги изведат своите најголеми хитови кои оставија белег на домашната рок сцена.

Веста за настапот на ,,Ареа” во Струмица ги израдува љубителите на домашната рок музика. Бендот кој започна да функционира во 1991 година не беше многу застапен на музичката сцена во изминатите неколку години. Лани, по пауза од пет години во етерот ја пуштија новата песна ,,Зрак” и тогаш за ,,Фокус” открија дека истата ќе се најде на новиот албум кој бил во подготовка.

-Никогаш не сме кревале прашина околу некакво големо враќање, иако после издавањето на секој албум имало паузи некогаш и повеќе годишни. Оставаме делото да посведочи за тоа. Од друга страна никогаш не знаеш дали некоја песна ќе биде хит и дали воопшто ќе имаш хит. Потребно е да се состават повеќе коцкички за такво нешто. А за тоа сметам дека не сме доволно паметни. По мене, конците ги води некој „одозгора“ или со други зборови ние спремаме песни, а што ќе биде само Бог знае – ни раскажа Ружица.

,,Ареа” зад себе има пет студиски и еден live албум. Се појави на сцената во 1991 година, со создавањето на првите три авторски песни и пријавувањето на Поп-рок фест ’92 каде што освои победа и во 1992 година во МРТВ го сними дебитантскиот албум ,,Случајно тука“. Во 2000-та година го издаде вториот албум „Врати на имагинација“, а хитот ,,Сите мои слики” од истиот албум стана евергрин кој се уште се врти на радио станиците.

Поврзани новости