Ружин за Фокус: Како „поумерената“ Ле Пен сака да го урне „грогираниот“ Макрон?

Поранешниот дипломат оценува дека реформите што ги заговара се уште умерениот фаворит Макрон за социјалниот, образовниот и политичкиот систем не создаваат такво ехо како програмата на Ле Пен, која, меѓу другото, предвидува „суверен фонд“ и сите да станат акционери во куќата наречена Франција.

by Фокус

Денес во Франција се одржува првиот круг од претседателските избори, на кои, исто како и на претходните избори во 2017 година, главната битка се води меѓу актуелниот претседател Емануел Макрон и кандидатката на десницата Марин Ле Пен, чии рејзинти во изминатиов период се доближија и речиси повеќе од извесно е дека ќе се соочат во вториот изборен круг на 24 април.

Во анализа за Фокус, универзитетскиот професор и поранешен дипломат Нано Ружин наведува дека на овие избори во Франција 7 теми најмногу ги афектираат француските гласачи.

Имено, меѓу нив се: социјална заштита (47 отсто), несигурност (30 отсто), вработување (29 отсто), емиграција (29 отсто), човековата околина (28 отсто), образование (24 отсто) и даноци (20 отсто).

„КРЕДИБИЛНА“ И „УРАМНОТЕЖЕНА“ ПРОГРАМА

Имајќи го тоа во предвид, посочува Ружин, Ле Пен изготвила претседателска програма која самата ја смета за „најкредибилна“ и „најурамнотежена“.

-Ле Пен ја образложи „буџетската траекторија“ без хипотези за развој, предлага создавање на „суверен фонд“ кој ќе се каратеризира „со финансии од приватни, а не од јавни фондови и финансирања“. Воедно, таа им сугерира на Французите „да станат акционери во куќата наречена Франција и да бенефицираат од каматна стапка од 2 отсто“ – вели Ружин.

Тој додава дека Ле Пен е убедена оти ќе заштеди 16 милијарди евра со своите мерки кон имиграцијата, 15 милиони од разните измами, 8 милиони од функционирањето на државните агенции, преку 10 отсто од економизирањето, 5 милиони од придонесите кон ЕУ и сл.

-Во доменот на потрошувачката, таа предлага да се намали ДДВ од 20 отсто на 5,5 отсто за горивата, струјата и природниот гас, намалување или укинување на ДДВ за 10 основни продукти, укинување на социјалните алокации за мигрантите кои се помалку од 5 години во Франција – посочува Ружин.

Конечно, тој истакнува дека со својот слоган и плакат, стокмена во француските национални бои (париско сино), Ле Пен јупитерски порачува: Јас – „Марин Прва жена Претседател“.

НАЈГОЛЕМИОТ ХЕНДИКЕП

Според него, најголемиот хендикеп на Марин Ле Пен е нејзиниот татко Жан Мари Ле Пен, кој настапи на изборите во 2002 година и влезе во вториот круг.

-Француските аналитичари неговата политика ја сметаа за екстремно десничарска до неонацистичка и затоа сите избирачи од разни идеологии се обединија и го избраа Жак Ширак. Марин Ле Пен стана многу поумерена, го наследи својот татко на кормилото на партијата и го промени и името и стратегијата, претставувајки се како умерен патриот – објаснува Ружин.

Анализирајки ја социјалната програма и буџет на Марин Ле Пен, додава тој, актуелниот претседател Макрон ја обвини ривалката дека манипулиора со „лажна социјална програма“.

-Таа не доцнеше да го оквалификува Макрон како „грогиран боксер“ и „салонски политичар кој на Французите им се обраќа само од топлите раскошни кабинети, а не од улицата и од митинзите“.

 

Макрон во својата програма, пак, се фокусира на социјалните теми, реформите во должината на работниот век, во образованието, во политичкиот систем (намалување на бројот на пратеници и воведување на пропорционалниот модел), но неговите реформи не создаваат такво ехо како оние на Ле Пен – посочува Ружин.

Тој нагласува дека јасно е оти француското бирачко тело ја загуби довербата во класичните политички партии на умерените конзервативци на Валери Пекрез и социјалистите на Ан Идалго, градоначалник на Париз.

УМЕРЕН ФАВОРИТ

Претходно, Ружин за Фокус оцени дека и покрај се, Макрон, кој настапува со слоганот „Со Вас“, останува умерен фаворит, но, како што истакнува, никој не може однапред да гарантира дека претседателот Макрон ке го наследи претседателот Макрон.

-На еден ден пред првиот круг на претседателските избори во Франција, разликата помеѓу Макрон и Ле Пен се смали на 1 отсто во полза на сегашниот претседател. Пред два месеци, никој не веруваше дека империјалниот Макрон, на кого му веруваше 36 отсто од француското бирачко тело, ќе се сведе на 26 отсто, додека Ле Пен, која заостануваше зад исламофобот Ерик Земур со 9 отсто, ќе достигне фантастични 25 отсто доверба од бирачкото тело – рече Ружин.

Земур падна во сондажите, но, нагласува Ружин, популистичкиот левичар Жан Лук Меланшон направи фантастичен скок со 17,5 отсто поддршка, што, според него, е и најголемото изненадување на завршетокот на претседателската кампања пред првиот изборен круг.

ЕФЕКТОТ НА „УКРАИНСКАТА ЕПИЗОДА“

Според него, падот на рејтингот на претседателот Макрон се објаснува со најмалку неколку елементи, вклучително и со отсуството во кампањата заради ангажманот околу Украина и разговорите со Путин.

-Тоа на извесен начин ги навреди Француизите, иако тој сметаше дека „украинската епизода“ би била најдобар вид кампања за еден претседател на Петтата Репубика. Но, ниту успеа да ја спречи војната, ниту масакрот на цивилното население, констатитраа неговите политички противници – забележува Ружин.

На крајот, додава тој, лошо влијание врз рејтингот на Макрон имала и аферата за затајување на корпоративниот данок меѓу 2011 и 2020 на комапнијата „МкКинсли“, каде наводно постојат сомнежи за недоволната будност, а можеби и замешаност на Макрон.

Влатко Стојановски

Поврзани новости