Ружин за ангажманот како советник на премиерот: Ја промовирам македонската економија во странство и носам заинтересирани инвеститори!

by fokus

Бизнисменот Александар Ружин, син на поранешниот дипломат и актуелен професор Нано Ружин е еден од надворешните советници на премиерот Зоран Заев – е најновата вест која е актуелна во јавноста деновиве.

Според објавите во повеќе медиуми, тој е дипломатски советник на премиерот за економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција, и за ангажманот добивал месечно по 50.000 денари.

Околу тоа која е поточно функцијата на младиот Ружин, и за какви совети станува збор, ексклузивно за ,,Фокус” тој ги открива деталите.

-Мојот ангажман како надворешен соработник за економски прашања при кабинетот на премиерот Зоран Заев подразбира професионална соработка и комуникација со бизнис и деловни контакти од државите на Бенелукс и Франција. Мојата работа се состои во периодична анализа на пазарите на овие држави како и работни состаноци со цел привлекување на инвеститори во нашата држава, но и промоција на македонските компании и производи во ЕУ.

Во функција на овие работни задачи во рамки на мојот ангажман организирав посети на поголем број бизнис делегации од земјите на Бенелукс во Северна Македонија, во доменот на енергетиката, заштитата на човековата околина, градежништвото, индустријата и трговијата.

Очекувам овие контакти и соработки да резултираат со конкретни инвестиции во земјата. За сите овие обврски одговарам и известувам пред претседателот на владата на РСМ. Роден сум во Париз, а школувањето го имам довршено во Париз и Скопје со дипломи од прв и втор степен на високо образование.

Течно зборувам француски и англиски јазик, а по враќањето во Македонија продолжив да работам како претставник на успешни бизнис проекти – појасни младиот бизнисмен.

Според Истражувачка репортерска лабораторија, премиерот Заев имал вкупно 63 советници, од кои дел се надворешни соработници, а пак дел се редовни.
За Никола Груевски, минатата година Владата на СДСМ откри дека имал 91 советник за кои за една година потрошил 1,7 милиони евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости