Ружин: Има реални шанси за преговори со ЕУ

Јас сум умерен оптимист, вели тој за Фокус, додавајќи дека ЕУ има инструменти за влијание врз Бугарија.

by Фокус

Постојат реални шанси во декември да добиеме позитивна одлука за преговори со ЕУ, изјави за Фокус универзитетскиот професор и поранешен македонски амбасадор Нано Ружин.

-Јас сум умерен оптимист дека е можен ваков епилог. Постојат неколку причини и фактори, а еден од нив е залагањето на меѓународната заедница – вели Ружин.

Според него, брзо решение бара Франција, која следната година нема да може да се ангажира поради изборите.

-ЕУ не може никој да натера на нешто, но се работи за еден сложен механизам, кој има инструменти за финансиско и друго влијание, што може да направи притисок врз Бугарија – објаснува Ружин.

Во таа насока, додава тој, оди и исходот на парламентарните избори во Бугарија, каде победи новоформираната Продолжува промената на таканаречената „хардварска двојка“ – Кирил Петков и Асен Василев.

-Веќе почнавме да добиваме позитивни сигнали од Софија, што е дел од новиот пристап, кој оди во насока дека проблемот може да се реши – вели Ружин.

Сепак, тој посочува дека треба да се почека исходот и од претседателските избори, каде во првиот круг убедливо победи актуелниот претседател Румен Радев.

-Роковите за формирање на нова влада се специфични, но клучна е промената на тонот со кои доаѓаат пораките – посочува Ружин, нагласувајќи дека за почеток на преговори на земјава со ЕУ може да донесе и техничката влада на чело со Кирил Петков.

Универзитетскиот професор оценува дека за Македонија се начелно прифатливи принципиелните услови на Бугарија поврзани со нетериторијалните претензии на новото име на државата, говорот на омраза и дискриминацијата по етничка основа, дефинирањето на фашизмот итн.

В.С.

Поврзани новости