Свеченото отворање на 45-то издание на фестивалот Скопско лето, ќе се случи со ексклузивен концерт на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли Ан на 21-ви јуни.
Повеќенаградениот хрватски пијанист и композитор Звјездан Ружиќ кој ќе настапи на отворањето на Скопско лето доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“.
-,,Пијанотрон” е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои Звјездан свири со нозете. Накратко – Звјездан е човек – оркестар! Иако Звјездан е академски џез пијанист, тој го опишува ,,Пианотрон” како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музиката.
Звјездан има соработувано со многу големи уметници, како што се: „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка и многу други. Со неговата музика има настапувано низ целиот свет: од Америка, низ Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со „2Cellos“ одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и Нов Зеланд.
Неговите авторски албуми беа наградени со 5 престижни награди за дискографија „Порин“ (познато како хрватско Греми), а Хрватскиот музички сојуз 6 пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска, информираат од организацијата на настанот.
Звјездан кој е официјален уметник за „Yamaha Pianos“ за целиот свет, во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментално живее и ја гради својата меѓународна кариера.
Билетите за настанот се пуштени во продажба по цена од 500 денари.
Вики Клинчарова