Писателот Салман Ружди предупреди дека западните земји се соочуваат со најголемата закана за слободата на изразување и слободата на објавување во неговиот живот, во видео обраќање девет месеци по инцидентот во кој маж го избоде повеќепати на сцената во Њујорк.
„British Book Awards“ во понеделникот му ја доделија на Ружди наградата „Слобода да објавува“.
„Живееме во момент, мислам, во кој слободата на изразување, слободата на објавување, никогаш не биле толку загрозени во западните земји во мојот живот“, рече Ружди во видео пораката од Њујорк емитувана на церемонијата на доделување на наградите.
Неговиот четврти роман беше забранет во многу муслимански земји.
„Слободата на објавување е, се разбира, слобода на читање и слобода на пишување, способност да пишуваш што сакаш, да можеш да избираш што сакаш да читаш, а тоа да не ти се одлучува однадвор“, додаде тој.
Британскиот автор со индиско потекло остана слеп на едното око и оштетена му е функцијата на едната рака откако беше нападнат на сцената во Њујорк лани во август додека држеше предавање.
Ружди долго време се соочува со смртни закани за неговиот четврти роман „Сатански стихови“. Романот беше забранет во многу земји со големо муслиманско население по неговото објавување во 1988 година поради пасуси кои се сметаа за богохулни.
Ружди, кој со години се криеше откако тогашниот врховен водач на Иран издаде фатва во која ги повикува муслиманите да го убијат, исто така се осврна на забраната на одредени книги од некои американски училишни библиотеки и училници.
„До неодамна, имаше значителна слобода во објавувањето во западните земји . Ова е напад на самата идеја за библиотеки. Тоа е прилично алармантно и ние мора да бидеме многу свесни за тоа и силно да се бориме против тоа“, изјави Ружди.
Повеќе од илјада книги, од кои многу се занимаваат со расизам и ЛГБТ прашања, се забранети во училниците и библиотеките во Америка во последните две години поради притисок од конзервативните родители и официјални лица, објави писателската организација ПЕН Америка.