Проблемот со Бугарија е билатерален и не треба да биде пречка за Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ, порача холандскиот премиер Марк Руте, кој денес дојде во посета на Скопје. Тој истакна дека „зад сцената“ многу лидери на ЕУ имаат дискусии со Бугарија за, како што вели, да се осигураат дека проблемот ќе биде решен.
-Тука сум бидејќи Холандија беше земјата која најдолго се противеше на проширувањето на ЕУ, но толку многу напредок се направи во изминатите две години и среќен сум да кажам дека ЕУ реши да ги почне преговорите. За жал, го имаме проблемот со Бугарија кој треба да се реши – рече Руте.
Тој додаде дека е внимателен оптимист за исходот на земјава, потенцирајќи дека прашањето со Бугарија многу го иритира од причина што се одложува почетокот на меѓувладините конференции.
-Можеби тоа не се гледа, но имаме многу дискусии со Бугарија и јас, но и моите колеги од ЕУ, за да се осигураме дека прашањето е решено. Не е добро да не почнат преговорите по толку чекање. Зад сцената, многу членки на ЕУ се обидуваат да дискутираат со Бугарија и се надевам на најдоброто по изборите во Бугарија – рече Руте.