Руте: Владимир Путин мора да разбере само една работа!

by Fokus

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека е важно рускиот претседател Владимир Путин „да разбере дека Западот е обединет“ кога ќе почнат преговорите за завршување на војната со Украина.

– Не знам што точно има на ум претседателот Путин, се разбира. Тој е силен преговарач, многу е непредвидлив, но на крајот, ако сакаме да постигнеме мировен договор, треба и тој да учествува – изјави Руте по денешната средба на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата во Брисел, пренесе Ројтерс.

Руте додаде дека Украина сигурно ќе биде вклучена во секој мировен договор, а претходно рече дека договорот мора да биде од траен карактер, како и дека Киев мора да биде вклучен во сите дискусии за него.

– Од клучно значење е каков и да е исходот од преговорите, тој да биде траен и издржлив – рече Руте.

Тој исто така рече дека од клучно значење е Украина да биде вклучена во се што ја засега.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за итен почеток на преговорите за ставање крај на војната.

Европските лидери порачаа дека и Украина и Европа мора да бидат вклучени во изнаоѓање мировно решение.

Поврзани новости