Ново ветување за изградба на патиштата низ државата. По најавите дека автопатот Охрид Кичево ќе биде готов до крајот на 2023 година, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, дава рок и за патот Подмоље -Струга-граничен премин Ќафасан, кој вели ќе биде готов за 15 месеци. Но наместо целосно нов пат, ќе се врши рехабилитација само на постоечкиот. Ќе бидат потрошени 7,9 милиони евра, пишува Алсат -М.
„Јас можам да тврдам дека овој регионален пат, очекуваме и убеден сум дека за 15 месеци ќе биде целосно рехабилитиран.Во моментот според проектот и според рокот и според она што го зборуваме со надзорот на работите,ние сме убедени дека за 15 месеци ќе биде завршен овој проект. Ако одиме сега таму ќе се види дека се работи на целата таа траса, тие административни проблеми кои ги имавме, веќе ги решивме и следниот понеделник ќе биде пуштен во употреба делот од Требеништа до Охрид“, додава Рустеми.
Рустеми вели дека причина за доцнењето на автопатот биле временските прилики, кои не оделе во прилог, на работите на терен, но во изминатите неколку години, како се гради автопатот Охрид Кичево,секогаш се ветуваше дека со подобрување на временските прилики ќе се засилат и градежните активности, но патот се гради веќе осум години.
-Јас зборувам за овој перид, откако сум јас директор на јавното претпријатие, од декември 2020 година, кога 76 инфраструктурни проекти не беа поминати во министерството за транспорт и врски. Успеавме да имаме сега 66 поминати инфраструктурни проекти.
Успеавме на тие 66 проекти да извршиме 83% експропријација, со што ја ослободивме целата траса Кичево-Охрид, да се работи на автопатската траса .Ние ќе инсистираме и ние се залагаме, да заврши до 2023 година, рече директорот Рустеми.
Кичево Охрид почна да се гради во 2014 година.Првично требаше да биде готов во 2018 година, потоа рокот се помести до јуни 2021 година, па сега до крај на 2023 година.Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата стана двојно повисока.