Директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми реагираше на тврдењата на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски дека биле пронајдени нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта, отфрлајќи ги како неточни и неосновани, со впечатлива политичка позадина.
„Јавноста е запозната дека во изминатиот период ЈПДП има реализирани рекордно ниво на капитални и0нвестиции во патната инфраструктура, сѐ со цел за подобрување на патната мрежа, на автопатското поврзување, на одржување и унапредување за безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава. Минатата година, исто така, регистрирано е рекордно ниво на приходи од патарини, а воведена е електронскa наплата на патарини. Во истиот период, направени се големи зафати за редовно одржување на патиштата: чистење, кастрење на вегетацијата и слично, за поголема безбедност и сигурност за одвивање на сообраќајот.
Конечно, минатата година започна со реализација и најголемиот инфраструктурен проект во историјата на современата македонска држава, тоа се европските Коридор 8 и Коридор 10д.
Во сите овие реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за коишто има и соодветна документација. Од друга страна, пак, за сето ова, навремено, транспарентно и отчетно е информирана јавноста, и тоа во сите фази од реализацијата на проектите на коишто работело претпријатието.
Во оваа прилика, за работите да бидат појасни со валидни и релевантни информации, уште еднаш сакаме да ги афирмираме деталите од клучните проекти кои се наведени на вчерашната прес конференција:
– Проект за изградба на автопат, патна делница Кичево-Охрид. Вредноста на договорот е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци- Штип и патна делница Кичево-Охрид, објавен во Службен весник бр.208 од 14.11.2018 година.
– Проект втора делница ТЕН-Т проект за автопат од Скопје до граница Косово, проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, во соработка со проектантот Конзорциумот Хил Интернешнл, избран преку ИПФ 7 со грант од Европска комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немал и не може да има никакво влијание.
– Проект во ИПА II – Изградба на патна делница Градско-Дреново.
Потенцираме дека во ИПА оперативната структура Министерство за финансии – ЦФЦД ги има обврските на “Договорен орган”, додека Министерството за транспорт и врски е “корисник”, а Јавното претпријатие за државни патишта е “краен корисник”.
Улогите и одговорностите на трите ентитети се регулирани со Оперативен договор за секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, каде ЦФЦД ја има одговорноста за спроведување на тендерските постапки, склучување на договори и вршење на исплати за активности финансирани од ЕУ.
Јавното претпријатие за државни патишта како “краен корисник” ги презема и ги има извршено навремено сите обврски од технички аспект за кои е надлежна според Оперативниот договор.
Почитувани,
Јас, како директор, и ЈПДП, стоиме на располагање на сите надлежни институции за секаков вид на проверки и ревизии на нашето работење, за уште еднаш да се потврди законското работење преку реализација на Годишните програми за работа во изминатиот период за што сведочат и резултатите на претпријатието.
За крај на оваа наша реакција, апелираме да не се изнесуваат невистини и шпекулации во јавноста поврзани со работењето на ЈПДП и неговиот менаџмент, затоа што ваквите невистини штетат на угледот на самото претпријатие, на раководните лица и на сите вработени.
Јавното претпријатие за државни патишта е институција којашто заслужува најголема почит заради нејзините резултати во изминатиот период затоа треба да се стави на страна од дневнополитичките агенди“, стои во обраќањето на Рустеми.
О.К.