Рустеми: Повлекувањето на обвинението за Амзоски нема врска со „Рекет“, туку утврдивме дека тој е оштетен, а не обвинет!

by fokus

Доколку опстоело обвинението за бизнисменот Адријан Амзоски и фирмата „ФИНЕ“ ДОО Скопје за наводна дивоградба, а поврзана со изградбата на објектот „Космос“, СЈО немало да може да го покрене обвинението за случајот „ТНТ“, во кој меѓу обвинетите е и екс премиерот Никола Груевски.

Ова накратко е причината зошто СЈО во 2017 година го повлекува обвинението против Амзоски, откако од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со теза дека и овој случај е поврзан со случајот „Рекет“, односно дека бизнисменот наводно ја платил својата слобода.

Обвинителот Бурим Рустеми за „Фокус“ појаснува дека лично тој сметал дека ова обвинение треба да се повлече, бидејќи според доказите кои ги обезбедил за истрагата за „ТНТ“, Амзоски ја имал улогата на оштетен, а не на обвинет. Тој за „Фокус“ појаснува што се случило.

-Кривичната пријава за Амзоски, за дивоградба, била поднесена во 2011 година, а се до 2017 не била активирана. Во време кога јавно е познато дека водиме истрага за „ТНТ“, односно за незаконско рушење на објектот „Космос“, редовното обвинителство, одлучува да ја активира пријавата и да поднесе обвинение против Амзоски. Овој потег е нелогичен, со очигледна позадина, бидејќи добро знаеја дека СЈО е надлежно за овој случај. Кога го добив предметот решив дека обвинението треба да се повлече, а со мене се согласи и шефицата Катица Јанева, бидејќи не може за ист случај бизнисменот да има својство и на обвинет и на оштетен. Нашите докази покажуваа дека е оштетен, појаснува обвинителот Рустеми, кој додава дека ако опстоело обвинението против Амзоски, немало да може да се отвори случајот „ТНТ“.

СЈО надлежноста за предметот за Космос ја добива на 14 декември 2015 година, а истрагата ја отвора на 16 април 2016 година. Затоа не е јасно зошто редовното обвинителство, дури во март 2017 година го покренува обвинението за Амзоски? Обвинителниот акт за „ТНТ“ е поднесен на 29 јуни 2017 година, а во ноември станува правосилно.

Овој случај е пред самиот финиш, односно наскоро се очекува пресуда.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак денес прашаа дали Адријан Амзоски платил 260.000 евра на Бојан 13 за Катица Јанева да му повлече обвинителен акт?

-Но, зошто сето ова го направила Катица Јанева? Одговорот го знае целата јавност. Откако сето ова се завршило во корист на Адријан Амзоски и на фирмата „ФИНЕ“ ДОО и откако Адријан Амзоски бил безбеден, фирмата „ДРИМ БИЛДИНГ“ од Струга, каде што овластено лице бил истиот тој Адријан, а брат му и татко му биле дел од сопствеништвото на фирмата, префрла 260.000 евра или 16.103.986 денари на „Меѓународен сојуз“ на Боки 13 за проект кој што никогаш не е реализиран, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто бизнисменот Амзоски на Боки 13 му префрлил 260.000 евра треба да истражува обвинителката Вилма Русковска, водејќи ја истрагата „Рекет“, но обвинителот Рустеми тврди дека повлекувањето на обвинението за бизнисменот нема скриена позадина.

Во случајот „ТНТ“, освен Грруевски, обвинети се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.

Според СЈО, обвинетите во 2011 сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски. Обвинителите истакнаа дека обвинението ќе го докажат преку собраните материјали и докази, како и сведочења на лица и вештаци.  Според СЈО, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости