Обвинителката Вилма Русковска во моментот, во Кривичниот суд, ги дава завршните зборови за случајот „Организаторите на 27 април“. Таа ја појасни улогата на секој од обвинетите во организирањето на упадот во Собранието што се случи на 27 април 2017 година. Како што рече, целта било да се спречи мирно примопредавање на власта на новото парламетарно мнозинство. Таа најпрвин направи промена на изреката на обвинението, која ја прочита.
– Тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е во бегство, ги повикал граѓаните на масовни протети, односно преку медиум испрати повик: „Народот да не седи дома во папучи, да ја земе судбината во свои раце“, рече Русковска.
Според неа, дел од обвинетите имале задача да ги организираат протестите, а дел да спречат предавање на власта во Собранието.
-Тогашниот собраниски спикер, Трајко Велјановски, требало да оневозможи избор на претседател во Собранието од новото парламентарно мнозинство, со координирање на пратениците од ВМРО-ДПМН. Миле Јанакисеки и Спиро Ристоски пак секојдневно ги организирале протестите.
Тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, ги мобилизирале членовите на групата, Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо и ги договарале деталите за протестите, со цел да се спречи мирно предавање на власта, истакна Русковска.
Таа го спомена и веќе осудениот Митко Чавков.
-Веќе осуденит Митко Чавков, тогашен директор на БЈБ, при оперативна акција „Платформа“ постојано го намалувал бројот на полицајци на протестите и полицијата да не реагира доколку дојде до инциденти, истакна обвинителката.
По читањето на измените, адвокатите реагираа и бараа пауза, но истата не им беше дозволена. Судијата инсистираше обвинителката Русковска да продолжи со читањето на завршниот збор.