Истите личности кои ми нудеа да бидам заменик државен обвинител за да се прекине истрага за предмет се оние кои се обидуваа да ми вршат притисок додека го водев Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, вели во интервју за А1он обвинителката Вилма Русковска.
Кој бил тоа, не открива, но вели, кажала на оценската мисија која го „тресе“ Судскиот совет, а чии лченови се заинтересирале и за причините зошто таа е оддалечена од обвинителската функција.
Според неа, предметите кои пресудиле да биде суспендирана, а потоа и пред разрешување се оние кои ги отвори против функционери од актуелната власт.
Обвинителката повтори и дека нема никаква поврзаност помеѓу Работната група која готвеше нов Кривичен законик и измените кои Собранието ги донесе по итна постапка и со европско знаменце.
„Злоупотребата воопшто не е во надлежност на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бидејќи ние бевме надлежни само за Став 5. Фактички, треба и од името да се избрише Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бидејќи веќе немаме можност да се бориме со корупцијата. Обвинителството ќе се сведе на предмети дрога, мигранти, знаеме колку годишно имаме предмети за перење пари и други приноси од казниво дело. Се одземаат ингеренциите“, вели Русковска во интервјуто на А1он.
На прашањето дали има аспирации да се кандидира за државен обвинител, бидејќи на актуелниот Љубомир Јовески мандатот му истекува во декември годинава, таа вели: „Сега за сега, како што стојат работите, не“.