Русковска: Сѐ уште е рано да коментирам дали би прифатила да бидам на чело на новото СЈО

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, денеска на прес конференција истакна дека Владата наредната недела до Собранието ќе предложи нов закон за трансформација на СЈО, а како наследник на Катица Јанева ја предлага обвинителката Вилма Русковска.

Затоа ја прашавме шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Русковска, дали би прифатила да застане на чело на новото СЈО, а таа вели дека сѐ уште е прерано за било каков коментар.

-Кога ќе биде усвоен Законот, тогаш би можела да кажам став. Вака е беспредметно, бидејќи може законот да претрпи измени, вели Русковска за „Фокус“, која додава дека изјавата на премиерот Заев ја не ја слушнала во целост, бидејќи била затекната додека работела.

Обвинителката Русковска сепак се согласува дека тоа што премиерот Заев ја предлага токму неа, е чест за неа, бидејќи е признание за нејзината досегашна работа.

На денешната прес конференција Заев соопшти дека новото обвинителство ќе работи во рамки на Републичкото јавно обвинителство, односно дека ќе биде во хиерахија и субординација кон државното јавно обвинителство. При тоа тој рече дека новото име на СЈО ќе биде Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

В.В.

Поврзани новости