Советот на јавните обвинители ја отфрли жалбата на обвинителката Вилма Русковска, што значи дека и понатаму ќе остане суспендирана.
Едногласно против жалбата гласаа Антонио Јолески, Изет Мемети, Фаик Арслани, Влатко Георгиевски, Фиданка Рајевска, Коле Штеријов, Арбер Исаку, Касна Жежова.
Обвинителката Вилма Русковска, минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението и „ова го смета за суспензија на правото и суспендирање на правдата“.
Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.