Обвинетиот Трајко Велјаноски, не само што со своето однесување како претседавач на Собранието, директно придонел за насилството што се случи на 27 април 2017 година, туку и го оправдува, рече обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови на рочиштето за “Организаторите на 27 април“. Таа прочита порака од Велјановски, пратена до пратеникот Илија Димовски, со содржина „гледајте, ако стварно го бират Талат во 17 одма десетина пратеници пред кабинет кај мене за да го бранат кабинетот. Пола пред кабинет, пола во сала”.
Oбвинителката Рускоска, коментираше од кого тоа пратеници требало да го бранат неговиот кабинет, односно во друга порака на Велјановски до Димовски, се вели „ќе има шатори”.
– Како знае обвинетиот Велјаноски дека ќе има шатори во 18:32 часот (27 април 2017), ако знаеме дека вратите се отвораат и народот влегува во Собранието нешто пред 18:50. Ама знаел затоа што имал интензива комуникација со обвинетиот Спиро Ристовски. Дека обвинетиот Велјаноски бил во тек и го знаел целото сценарио да се спречи мирно примопредавање на власта произлегува од порака која му ја испраќа на Никола Тодоров – „народ нека се собере”. На ова се надоврзува и порака до Илија Димовски „влегува народот”, рече Русковска.
Таа постави прашање што направи Велјанoски, дали побара евакуација на колегите, пратениците и вработените во Собранието?
– Единствено што побара е да се чува неговиот кабинет и да не се дозволи никој да не седне во неговото место, рече Русковска, при што прочита порака на Велјаноски, испратена до неговото обезбедување Горан Ѓошевски (осуден за настани за крвавиот четврток), каде го упатува како да постапува и да не дозволи некој да седне во неговото место.
Застапникот на обвинението при своите завршни зборови за овој случај направи паралела на настаните од 6 јануари 2021 во Конгресот на САД, односно таа истакна дека пред влегувањето на масата во Конгресот сите вработени и конгресмени беа евакуирани.
– За разлика од тогашниот претседавач, сега обвинет Трајко Велјаноски, чија единствена грижа беше неговиот кабинет и неговото столче, изјави Русковска.
Во завршните зборови исто така се спомнаа и дејствијата на обвинетиот Владимир Атансовски, кој неговиот шеф на обезбедување го пратил во Собранието за да ги земе хард дисковите од мониторинг собата и да се прикријат трагите од стореното кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредокт”. Според Рускоска, обвинетите знаеле точно што прават и фрлиле се на една карта со единствена цел да се спречи формирање на влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство.
Шефот на Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, своите завршни зборови против обвинетите во случајот „Организатори на 27 април” ги заокружи со читање на дел од колумната на новинарот Ерол Ризаов, каде меѓу другото се вели дека „ваквите патриотски одбрани на народот да не се даде власта и покрај законски спроведени избори се секогаш поттикнати и организирани од највисокиот државен врв со регрутација на насилници и уличари..”.
Следното рочиште за овој случај е закажено за 6 јули кога е предвидено одбраната да почне со своите завршни зборови.