Обвинителката Вилма Русковска денеска во завршните зборови за случајот „Рекет“ пушти снимка од камерите во домот на Орце Камчев од 21 февруари 2019, односно еден ден подоцна откако Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец излегуваат со торбата “луј витон” во која наводно имало 1 милион евра.
Оваа снимка од 21 февруари 2019 за прв пат се пушти пред јавноста денеска и на неа се гледаат Боки и Кичеец како еден по друг влегуваат во домот на Камчев. Милески со него носи значително помала рачна чанта со темна боја, објави “360 степени”.
Оваа снимка Русковска ја пушти, како што рече, бидејќи Јовановски тврдеше пред судот дека наредниот ден чантата „Луј Витон“ била вратена кај Камчев, па сакала да покаже дека тоа не е истата торба.
На сето ова бурно во судница реагираа и Боки и одбраната. Боки 13 бараше да се пуштат снимките од 22 февруари.
Адвокатите, пак, реагираа дека ова е грубо кршење на постапката бидејќи Законот за кривична постапка е дециден дека во завршни зборови се зборува за тоа што е изведено во доказната постапка, а оваа снимка за прв пат се пушта во судница.