Русковска нема сознанија за УСБ стикот кој го споменува Мицкоски, го повикува ако има докази да ги достави

by fokus

Обвинителката што го води случајот „Рекет“, Вилма Русковска вели дека нема сознанија за УСБ стикот кој го спомена попладнево лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за кој слушал дека има компромитирачки материјали за политичари од врвот.

„Има уште неколку стикови што се пратени на вештачење и за кои не е завршено вештачењето. Немам сознанија за таков стик за кој кажал Мицкоски. Ако тој има докази го повикувам да дојде во Обвинителството и да ги достави“, вели Русковска во изјава за Фокус.

Мицкоски на прес-конференција попладнево одговарајќи на новинарско прашање дали знае за некаков УСБ стик кој го поседувал Љупчо Палевски – Палчо кој неколку месеци е притворен во Белград, рече дека има слушнато, но се е на ниво на шпекулации.

„Исто така сум слушнал дека постојат таков вид на материјали. Се шпекулира во јавноста дека постои УСБ-стикче кое во обвинителсвото е заведено под број НСКРО74/17 и дека на тоа стикче има доста работи со кои треба да се позанимава македонската јавност, но сепак јас немам потврдени информации. Сето ова е на ниво на шпекулации навистина ако е точно е катастрофално. Тоа е уште еден пораз за Обвинителството и судството“, рече Мицкоски.

Според него, постои гласина дека тоа стикче е најдено во моментот кога се вршел претрес кај еден од осомничените во „Рекет“ и дека се наоѓа во Обвинителството.

Поврзани новости