Обвинителката, Вилма Русковска која ги води двата случаи „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, во кои првообвинет е Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13, ги негира информациите што беа објавени дека во исказ пред Обвинителството Боки кажал информации кои водат до врвот на власта.
На нашето прашање дали Јовановски понудил докази со кои се потврдува дека биле изрекетирани вкупно седум милиони евра и дека најголем дел од парите биле предавани на В.З. лице блиско на досегашниот премиер Зоран Заев, Русковска категорично демантира.
„Ништо од тоа не е точно. Не кажа ниту нешто блиску до тоа“, изјави обвинителката Русковска за Фокус.
Таа негира дека Јовановски барал да стане заштитен сведок, иако неговите искази траеја со часови.
Информациите кои се појавија во медиумите се продолжение на вчерашните реакции на Јовановски на судењето за случајот „Рекет“, каде праша на кого му смета да се дознае целата вистина за „Рекет“ и пријави дека добива закани за ликвидација и дека се чувствува како политички затвореник.
Јовановски е првообвинет во случајот „Рекет“ заедно со поранешпната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, а Обвинителството поднесе обвинение против него и за случајот „Меѓународен сојуз“.