Се одбива барањето на одбраната на обвинетиот Орце Камчев за изземање на обвинителката Лиле Стефанова од случајот “Плацевите на Водно”. Ова беше кажено на денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”. Поточно, судијата Илија Трпков соопшти дека шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска го одбила барањето за изземање на обвинителката Стефанова.
Одбраната на Камчев бараше изземање на обвинителката Стефанова поради сомневање за нејзина пристрасност кон Камчев.
-Истиот јавен обвинител ја води постапката којашто се води против Камчев, “Империја”, постапка којашто беше инфицирана со одредени недозволени дејанија на тогашниот единствен обвинител на СЈО. Постои правосилна судска пресуда со којашто се докажува дека во таа постапка Катица Јанева ја злоупотребила својата положба, појаснуваше Миланов.
Првообвинет во овој предмет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а обвинети се и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.
Неговиот кум Новачевски, бизнисмените Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
В.В.